Tuesday, November 8, 2016

РАСКАЖУВАЧОТ ОД УЧИЛНИЦАТА

БУБАМАРИ 
                                                           

 Можеби во својата училница сум добар раскажувач, наратор,математичар, јазичар, биолог,ликовен уметник, добар фискултурец.Ама кога доаѓа ред еден наставник да пренесе свое доживување, барем кога зборувам за себе, сите овие претходни „дипломи“ некако ми губат на вредност.Се губам во мислите како на нештото да му дадам ред, да го раскажам, а да допре до сите останати на ист начин како што ме допрело мене. А морам да го раскажам, да го споделам , оти сепак верувам дека ова е приказна која треба да се раскажува. Не за да прикажувам лична големина, колку потребата да допира поголем број на луѓе. Небитни се годините работно искуство, генерациите ученици, за да си речеш самиот на себе: нема што повеќе да ме изненади, се проживеав во животот! Колку сите грешиме кога ќе ни се јави оваа мисла во глава! Пред десетина дена , мајка на еден мој ученик изрази желба да разговараме после настава. Мајка на две деца , од кое постарото е ученик во моето одделение.Ги испратив сите ученици после часови во училишниот двор и мислејќи дека станува збор за краток разговор, разговаравме во училишниот двор. Иако веќе четврта година нејзиното дете е ученик во моето одделение, скромноста на мајката , присутноста на домашната култура и воспитание , енормната почит кон мене како наставник мислев дека се главната причина што мајката тешко го започнува разговорот. Иако и двајцата знаевме дека нејзиното дете карактерно е тивко и повлечено дете, скромно во однесувањето, сепак во разговорот мајката имаше проблем да објасни со јасни реченици за што станува збор. „Живееме на крајот од населбата, каде нема многу деца на возраст на мојот син. Токму поради тоа , времето за играње најчесто го поминува со својата сестра пред куќата, или во дворот, а кога е ладно најчесто времето го поминува дома “ – беа почетните зборови на мајката. Првите две години во училиште , нејзиното дете имаше мал проблем кој поради дискретност нема да го споменам, а тој проблем, на скромноста на ученикот како дел од неговиот карактер, делуваше на неговата повлеченост во играњето со другите другарчиња од одделението. Мислев дека после четири години тој проблем сме го надминале, од проста причина што во секојдневното набљудување кај нејзиното дете не гледав некој конкретен проблем. „Мојот син неколку пати дома ме прашува зошто не сме го повикале наставникот кај нас на гости“ – продолжи срамежливо мајката. Збунета , мислејќи дека во мои очи можеби ќе испадне „смешна“ што ми го кажува ова, продолжи да објаснува дека на почетокот не му дала некое посебно значење на таквото прашање на својот син. Кога истото прашање во краток временски период било повторно поставувано од страна на нејзиниот син , се охрабрила да се обиде да најде одговор на ова прашање.Така како што секоја загрижена мајка може да зборува со своето дете, зборувала и таа и некако успеала да го открие изворот на „проблемот“. Со присутна грутка во грлото во текот на целиот овој разговор во училишниот двор, мајката собра храброст да каже. Во меѓусебните секојдневни разговори на одморите и пред часовите, неколку другарчиња од одделението се пофалиле дека нивните родители се знаат со наставникот, дека се пријатели и особено потенциран моментот дека „јас“ (нивниот наставник) сум бил кај нив на гости. Земајќи ја во предвид тивката природа на детето на оваа мајка, неговата повлеченост и емотивна природа , за него ова било катастрофален момент во обидот да ја зацврсти другарската линија со другарчињата од одделението. Тивко се повлекувало од таквите разговори со другарчињата, се обидувало цело време пред моите очи да покаже дека е се во ред, а дома се обидувало преку прашањето до својата мајка – Кога ќе го викнеме наставникот на гости? – да се осигура дека можеби во блиска иднина пред своите другарчиња и тоа ќе има со што да се пофали. Во целиот обид да го објасни проблемот, кај мајката доминираше чувството на нелагодност и срам. Иако се обидував со веселост во гласот да и објаснам дека нејзиното дете само ја кажувало на искрен и директен начин својата потреба, мајката сепак беше убедена дека го троши моето време со нешто што можеби и не е проблем. За мене тешкиот дел во објаснувањето сепак беше на најлесен и безболен начин да и објаснам на мајката , дека ова гледано од очите на возрасните е можеби неважно, но гледано од очите на нејзиното дете е нешто кое сериозно треба да се разбере и да се реагира навремено. Колку и „будалесто“ , „смешно“ и „неважно“ во наши очи да се нештата, децата сепак за разлика од нас директно праќаат сигнали. Доблест и на родителите и на нас наставниците е да ги забележиме на време и да реагираме делотворно. Разговорот го продолжив во насока дека овој проблем има многу лесно решение, доколку родителите го прифатат во меѓусебен договор. Решението беше едноставно – да се исполни желбата на ученикот без негово знаење, а со договор со родителите тоа да се случи во текот на некој викенд. Мајката видно збунета од моето понудено решение, на почеток не знаеше како да реагира освен – „Не би сакала да го трошам Вашето слободно време! – ама откако согледа дека тоа значи и решение за проблемот, се согласи. Оставивме таа да се договори со својот сопруг и да ме извести за времето кога ќе можат. Викенд, претпладне. Заѕвони мобилниот, а откако видов на екранот, ми стана јасно дека сепак родителите решиле да одат до крај. Се договоривме за пладневен термин кога се сите дома, со инсистирање од дома да ме земе таткото на ученикот. Додека се возевме , падна договорот таткото да ја паркира колата пред куќа, да влезе внатре, а после 5-6 минути јас да се качам и да заѕвонам на врата. Речено – сторено. Е драги луѓе, сите кои читате сеуште, овој дел е онака народно кажано – емотивно, а да се издржи машки.Колку и да ви е смешна претходната реченица, би сакал сите да го доживеете моментот, па целосно ќе ви беше јасно.Заѕвонив на ѕвончето, се слушнаа гласови во ходникот и се отвори вратата. Пред мене збунето стоеше мојот ученик. Малку е да речам , стаписан! До него уште позбунета стоеше неговата помала сестричка, а позади нив родителите. Е во вакви моменти , не ти важи искуството, верувајте. Се трудев да ја сокријам мојата емотивност во тој момент, па со ведар глас им кажав дека денеска на мојот прозорец слетала бубамара која сакала да се стопли на сонцето , да одмори од летот и да ми каже дека едно дете (ученикот) има неверојатна желба на гости да му дојде неговиот наставник. Додека се возевме со таткото во автомобилот, ми раскажа дека неговиот син додека си играл во дворот со неговата сестра забележале две бубамари и онаа народната „ Тато , денес ќе ни дојдат гости! “ – било изговорено од неговиот син. Добар материјал за добра приказна , нели? Иако од малечки ги учам дека од сите лоши особини , најлоша е лажењето, јас ќе бидам искрен, само направив модификација за доживеаната случка со играта во дворот и бубамарите  ! Сеуште збунет во ходникот, не верувајќи кој дошол , не изусти ниту збор , ниту знаеше како да реагира. Морав допрва да го кршам мразот. Од џебот извадив по една чоколада и ги поделив на него и неговата сестра, а родителите се охрабрија да го опуштат за да влеземе внатре. Ако сето досега раскажано беше вовед во приказната, она што следеше е емотивна Хирошима! Влеговме во дневната соба и откако седна на столче ,мојот ученик со дланките го покри лицето и почна неконтролирано да плаче. Одеднаш , од ваквата емотивна реакција, смрзнав и јас и неговите родители. Едноставно, не бевме подготвени за ваков момент и ваква реакција. Збунети родителите, збунет јас, збунета и неговата сестричка. Момент на тишина, освен плачот на ученикот.Моменти долги како година, да смислиш како да реагираш на она што се случува пред очите на сите. Да можев да бидам волшебник во тој момент, ќе сакав да ја исполнам собата со бубамарите од дворот, кои во тој момент најмногу за помош ми беа потребни на мене , на неговите родители , на нас возрасните. Тивко се обидов да го смирам и почнав да му објаснувам дека јас само ги послушав бубамарите со кои денес си играл во дворот.Возрасните го почитувавме договорот на тајност. Ама јас лично не очекував дека таа емотивна Хирошима длабоко скриена во мојот ученик,така длабоко ќе ме допре мене, а верувам и неговите родители. Во повеќе од дваесет години работно искуство со деца, не можеш да останеш рамнодушен на солзи радосници кога некој се радува на твоето присуство , колку и да сакаш! Да бидеме искрени, кога последен пат некој се расплакал од радост кога не видел? Кога, на некој нашето присуство му било толку многу важно? Една ваква приказна пред 20-30 години, можеби беше секојдневие, ама на ова време на оттуѓеност,немање време, трка по егзистенција и лишеност од покажување емоции,материјален натпревар и отсуство на човечност, една ваква искрена емоција и радост е еквивалентна на земјотрес кој ни по Рихтерова скала не е мерлив. Се обидов да ја соберам целата ведрина и веселост што ја имав во тој момент, па со другарски тон и смиреност во гласот почнав да го поттикнувам на разговор. Петнаесеттина минути еднакви на вечност. Полека се смири, иако сеуште збунет, поттикнат од моите прашања ми ја раскажа случката со бубамарите. Сеуште беше присутна изненаденоста од каде знам за таа случка, уште повеќе изненаден од каде знам за неговата желба. Собата едноставно беше поплавена од тајноста што тројца возрасни тој ден свесно решија да ја кријат во себе. Важен беше моментот, и секако успехот. Поминавме неколку часа во опуштен разговор и дури откако бев сигурен дека „проблемот“ е решен, се подготвив да заминам. Во тие неколку часа, другарски се договоривме како ќе се однесуваме во училиште, како тој ќе се однесува со другарчињата и особено моментот дека секогаш кога ќе почувствува потреба за разговор, отворено и без срамење да пристапи и да ми каже. Вратата на слободна комуникација досега за него беше затворена од за него разбирливи и силни причини. Мое беше да го дадам клучот со кој секогаш може да ја отвори без страв. Прв понеделник после средбата со ненајавениот гостин. Во училницата разиграни ученици на одморите. Лесно е да се погоди која насмевка најмногу зрачеше,нели? Зрачи и денес! Еден дел од мене длабоко верува, дека таа насмевка ќе зрачи уште многу време! Можеби ќе дојде некое време, кога на ученикот со весели очиња, ќе треба да му ја кажам вистинската приказна за бубамарите. Ама поважно ми е сега да ја раскажам приказната за тоа колку малку е потребно за среќа! Некако свикнавме да ја повторуваме како клише реченица во која ретко кога веруваме. Да ја раскажам од повеќе причини! Од ненормалната потреба голем број на родители да се докажуваат на своите деца во задоволување на материјалните добра. Во натпреварот на родителите, кој повеќе, без поставување граници несмислено ќе го обликува своето дете во материјален зависник од предмети, технологија и скапа облека. Во непоправливата штета која со ваквите постапки ќе ги направи нивните деца робови на последните модели на таблети и телефони, лишени од умеењето слободно да зборуваат за своите чувства, за своите стравови и желби. Во деца кои ќе пораснат сиромашни во покажување љубов, емпатија, разбирање и другарување. Кои различноста нема да ја прифаќаат за еднаква,туку причина за оттуѓување и лишување од најважното – исполнет живот со другари за цел живот. Споредете ја скромната желба на мојот ученик раскажана овде со секоја идна желба на вашите деца. И да повторам, во оваа приказна јас немам главна улога и големина. Овде најголем од сите возрасни во оваа приказна е мојот ученик. Мал во години , голем во душа и во срце, кој на мене и на неговите родители ни покажа колку малку е потребно за среќа. Голем во скромноста на своите желби, уште поголем во вистинскиот избор на изворите на среќа. И за крај , за мене вистинската причина зошто решив да бидам раскажувачот! Во ова време професијата наставник од неброено многу причини го допре своето дно, најблагородната професија стана „пазар и договор за оцени и успех“,пренатрупаност од работа која ја убива креативноста на наставникот и изгубената можност да биде „пламенот“ кој несебично ја дели својата светлина. Раскажувач на ретки , но сепак силни приказни. Приказни кои во ова „студено“ време на живеење некому ќе му донесат топлина во срцето. И колку во очите на јавноста оваа професија да изгубила на својата благородност, длабоко во себе верувам дека секој наставник има вакви приказни за раскажување. Охрабрете се и раскажувајте ги, драги колеги и колешки,вакви приказни каде среќата е во малите нешта им помага на сите да облечат душа, да исчистат срце и се надевам да испеглаат карактер за да бидат ЛУЃЕ! Не сум сигурен дали ме бидува за раскажувач, ама сум сигурен во едно : Нема да штедам на пламенот во мене , ако знам дека од него се раѓа и светлина и топлина! А за сите вакви емотивни Хирошими, ќе раскажувам со радост!




No comments:

Post a Comment