Monday, July 8, 2013

Авторитет на наставникот



Авторитет заснован на страв – авторитет со казна

Авторитетот со казна кај децата ја развива послушноста која се заснова на страв од казна и последиците кои следат доколку детето се однесува на начин кој не е во склад со очекувањата на наставникот. Овој авторитет произлегува од:
  •    моќта на наставникот на учениците да им го додели она што им е    потребно;
  •      или она што го сакаат (награда);
  •    моќта на наставникот да предизвика нелагодност, чувство на вина, срам или болка кај ученикот (казна).


Овој авторитет е насочен во контрола на детето, односно поаѓа од јасно ( но еднонасочно) дефинирани правила и санкции кои следат за непридржување на тие правила , а целокупниот однос наставник – дете се сведува на контрола на детето , со цел придржување на зададените правила.



 Овој авторитет се заснова врз сликата на детето како пасивно, незрело и неодговорно битие, кое со системот на награди, а особено со системот на казни го учиме да биде зрело, одговорно и активно. Она што всушност се случува кога исклучиво се користи овој вид на авторитет, е во директна спротивност со целите на развојот: децата/учениците развиваат надворешна мотивација, односно причините поради кои нешто прават/не прават се наоѓаат надвор, во просторот создаден од системот на награди и казни. Развојот на надворешниот локус на контрола го ремети развојот на зрелите облици на самостојно и одговорно однесување. Иако за краткорочна и брза промена на однесувањето системот на награди и казни е многу ефикасен, долгорочно гледано тој ја намалува можноста за развој на критичност, самостојност и одговорност. Исто така, проблем со употребата на овој авторитет е тоа што со текот на времето слабее: како растат учениците, тие се помалку се зависни од наградите или казните на наставникот, односно наставникот има се помалку награди на располагање со кои може да ги мотивира учениците, и се помалку казни со кои може да ги заплаши. (V. Gordon, 1998).




Авторитет заснован на почит – авторитет со почит

 Авторитетот со почит кај децата вреднува и развива самостојност, одговорност и критички однос кон реалноста. Тоа е авторитет кој ја негува слободата на изборот и самодисциплината, односно развива внатрешна мотивација кај децата и внатрешниот локус на контрола.

 Внатрешната мотивација, наједноставно ја дефинирал Џејмс Рафини како: „она што не мотивира да направиме нешто , кога не мора да направиме ништо“. Во таа смисла , целта на авторитетот со почит не е „детето да работи што сака“ (како што критичарите на овој вид на авторитет обично зборуваат), туку да „го сака она што го работи“. Наместо страв од казна и надворешно поткрепување во вид на награда, авторитетот со почит развива кај децата љубопитност, интерес за одредени области, радост и уживање во одредени задачи, поврзувајќи ги активностите на децата со нивните базни потреби.
Овој авторитет се заснова на почит, односно на знаење, искуство кое се дели со учениците, внесување на иновации, помага и ги поддржува учениците во процесот на нивниот развој. За разлика од авторитетот со казна кој најчесто ја користи својата моќ со цел да казни, авторитетот со почит својата моќ ја користи исклучително во цел на заштита на децата, односно кога е во прашање најдобриот интерес за децата. Наместо контрола на детето, авторитетот со почит ја контролира средината/условите и делува превентивно, односно ја организира средината за работа и учење со цел да ја спречи или намали веројатноста за појава на некои несакани облици на однесување и да ги заштити децата. На пр. наместо постојано да ги контролира децата дали препишуваат на час , ги отстранува од тестот, наставникот може да организира тест и процес на тестирање на тој начин што на децата нема да им се обезбеди можност ( а често и причина) да препишуваат.

Наместо постојано да ги опоменува да не зборуваат на час, наставникот може да го организира часот така да ја спречи или намали веројатноста дека децата ќе зборуваат нарушувајќи го часот (пред се така што начинот и содржината на излагањето ќе ги прилагоди според потребите и интересите на учениците).Со контролата на средината/условите, авторитетот со почит ќе ги дефинира рамките на дозволеното и возможното, каде на децата ќе им биде дозволено да бираат, да бидат одговорни за последиците на својот избор и на тој начин да се учат на самостојност.
Она што ја чини основната разлика на овие два вида на авторитет не е прашањето: Што сакаме децата да научат/работат? , бидејќи и двата вида на авторитет воглавно се согласуваат кога крајната цел е развојот и образованието, туку основната разлика е во прашањето: Поради што, односно од која мотивација сакаме децата нешто да научат/работат? Авторитетот со казна акцентот го става на послушноста како услов за растење и зрелост, додека авторитетот со почит инсистира на внатрешна мотивација, односно развој на свеста за сопствениот најдобар интерес. На тој начин се создава простор за партиципација, односно слушање и уважување на она што доаѓа од децата.

No comments:

Post a Comment