Monday, July 8, 2013

ДИСЛЕКСИЈА (1 дел)

 Во моето осумнаесетгодишно работно искуство имав можност да се сретнам со ученик кој имаше дислексија. Како ова искуство го доживеав во првите години од моето вработување,навистина беше тешко да одговорам како наставник на потребите на ученикот. Давав се од себе и секогаш мислев дека не е доволно. Бев млад и неискусен, но уште потешко беше што немав од каде да разменувам искуства, можности, решенија, идеи.     Неколку години подоцна, поточно 2002 год. имав можност да посетам семинари во Хрватска и Австрија каде голем акцент на предавањата беше дадено на дислексијата.Предавања кои  многу ми помогнаа и да ја разберам дислексијата, но и да знам каде сум грешел во првото искуство.      Верувам дека не сум единствениот наставник кој се сретнал со дислексијата, како и дека не сум единствениот кој во одредени моменти не знаел како. Токму од тие причини решив да ги споделам материјалите од ваквите семинари во неколку статии,можеби некому ќе му бидат од корист.




ДЕФИНИЦИЈА ЗА ДИСЛЕКСИЈА

Зборот дислексија  произлегува од грчките зборови „dys“ (што значи слаб,лош,непримерен) и зборот „lexsis“ ( јазик, збор). Дислексијата според Orton Dyslexia Society е една од неколкуте потешкотии во учењето. Таа е јазично втемелено пореметување на конституциското потекло која ги одбележува потешкотиите во кодирањето на одредени зборови, а кои вообичаено ја одразуваат недоволната способност за фонолошка обработка. Потешкотиите во декодирањето на одредени зборови се неочекувани ако се земат во предвид возраста и останатите когнитивни и академски способности; тие не се резултат на општите развојни и сензорни потешкотии. Дислексијата се отчитува со различни потешкотии во различни облици на јазикот,  често вклучувајќи ги со проблемите со читањето и сериозните проблеми во стекнувањето на вештини во пишување.(Orthon Dyslexia Society Research Committee,1996.)
Дислексијата често се нарекува развојна дислексија ( анг: developing dyslexia), објаснета од некои автори како: „Пореметување во учењето кое започнува со потешкотии при учење и читање, а подоцна со лош правопис и одсутност во лесно користење на пишуваниот јазик, за разлика од говорниот јазик“. Дислексијата е од когнитивна природа и често е генетски условена. Не  е предизвикана од интелектуални недостатоци, слаби социо – културни прилики, начинот на поучување ниту со било какви познати невролошки оштетувања. Се претпоставува дека таа е најверојатно специфично пореметување во созревањето која делумно исчезнува како детето расте и созрева. Можно е значително да се намали со вистинска и адекватна помош.



Во медицинската класификација на болеста DSM IV (Diagnostic and Statistical Manual of Mental Disorder- меѓународна класификација на ментални пореметувања) се дефинира како пореметување при читањето што е и денес општо прифатен превод на зборот – дислексија. Пречките во читањето значително влијаат на постигнатото академско ниво или на секојдневните активности условени со вештината на читање. Кај лицата со пореметување на читање, гласното читање е окарактеризирано со искривување, замена или испуштање, бавност и грешки во разбирањето.   (DSM IV, 1996.)
Британското здружение за дислексија ја одредува како специфична потешкотија во учењето, со конституционално потекло, присутна во еден или повеќе аспекти – читање и пишување која може да биде придружена со потешкотии во многу други подрачја. Поврзана е со користење на пишуваниот код (алфабетски, нумерички и музички записи) , иако често го погодува и оралниот јазик до некој степен. (Вritish Dyslexia Association, 1989 ) 



ВАЖНИ КАРАКТЕРИСТИКИ НА ДИСЛЕКСИЈАТА

 И покрај многустручните појавни облици на дислексијата, многу јасно се воочуваат нејзините најважни карактеристики. Тие најмногу се одредени со потешкотиите кои се појавуваат во усвојување и развојот на читањето и пишувањето, но и пошироко, во перцептивниот, јазичниот и поимовниот развој. Збирот од тие потешкотии создава пореметување во читањето и пишувањето. Но, освен овие потешкотии, важна карактеристика на дислексијата е и нагласената неизедначеност на способностите во различни подрачја. Дислексијата всушност, e одредена со потешкотии и особености во овие подрачја:


ЧИТАЊЕ
Потешкотиите во читањето се однесуваат на брзината и прецизноста во читањето и на нивото на разбирање на прочитаното. Децата со дислексија долго се задржуваат на слоговите, ја задржуваат навиката за тивко изговарање на зборовите при читање, не читаат течно. Слушајќи ги кога читаат на глас, имаме чувство дека не ги воочуваат точките како знакови за одвојување на речениците. Ритамот и начинот на читање, воглавно се одредени со повремени застанувања поради непрецизно исчитување на зборовите, но и како одсутност на пауза, правилна интонација кога се читаат извични или прашални реченици, што се заедно дава слика за нетечно, лошо читање. Понекогаш непрецизноста е еднаква при читањето на кратки зборови како што се „од“, „до“, „со“ , „во“, како и при читањето на повеќесложните, покомплицирани  и помалку чести зборови. Во читањето постојат различни замени, кратења или додавања на букви, делови на зборови или цели зборови кои во текстот всушност ги нема. Така се заменуваат графички сличните букви (к ќ, нњ ). Кратките зборови како предлозите „до“ и „од“ , било да се самостојни зборови, стануваат невозможни за совладување па така „патот до дома“ ќе премине во „патот од дома“. Непрецизно прочитаните зборови и бавноста во читањето го нарушуваат разбирањето на прочитаниот текст, иако многу деца со дислексија порано се учат да се служат со контекстот на реченицата,односно со поширокиот склоп на зборови и реченици кои им помагаат во одгатнување на значењето.


ФОНОЛОШКА ОБРАБОТКА НА ЗБОРОВИТЕ

Недоволната фонолошка обработка на зборовите значи дека детето тешко станува свесно за гласовите во зборовите, па не може да го издвои  почетниот или завршниот глас, или тешко го воочува ритамот и римата на зборовите што  се еднакво важни предчитачки вештини. Многу автори се сложуваат дека една од темелните потешкотии во пореметување во читањето се всушност потешкотии во обработка на гласовите во јазикот или фонолошка неосвестеност. Потешкотиите на фонолошка обработка можат , но и не мора да се одразуваат на детскиот говор. Некои деца можат неупадно да зборуваат изговарајќи ги повеќето зборови правилно, а сепак да имаат потешкотии со издвојување и расчленување на зборовите на гласови. Некои деца од постара претшколска возраст со својот говор упатуваат на тоа дека имаат фонолошки потешкотии „свекло –светло“,„мекла – метла“. Може да се слушне „ ноката ме болеше додека го возев токочот“. Сето ова упатува на тоа дека детето во училиште би можело да има потешкотии со учењето на почетното читање, а можеби и вистинска дислексија.

                                                                (продолжува)

                                                         

No comments:

Post a Comment