Thursday, July 25, 2013

ДИСКАЛКУЛИЈА - ПОТЕШКОТИИ ВО УЧЕЊЕ МАТЕМАТИКА


ДИСКАЛКУЛИЈА И АКАЛКУЛИЈА

Под дискалкулија денешните експерти подразбираат збир од специфични потешкотии во учењето на математика/аритметика и во извршување на математички/аритметички задачи. Тоа се таков вид на отстапувања кои кај лицето создаваат сериозни тешкотии во совладувањето на математиката/аритметиката без разлика на достапниот степен на интелектуалниот развој, нормалното функционирање на сетилата и оптималните услови на редовното подучување.

Потешкотиите во совладувањето на математиката можат да бидат лесни, умерени и тешки, па според тоа резултатот е делумна или пак потполна математичка неспособност.

Терминолошки разликуваме дискалкулија и акалкулија.

Дискалкулијата е делумно нарушување во процесот на усвојување на математиката кое може да се појавува кај сите или само кај одредени математички подрачја. Детето притоа напредува во усвојувањето на математиката, но многу побавно од своите врсници и неадекватно на својата ментална возраст.

Акалкулија ( а – „без“ , „целосен недостаток“) е поим кој означува потполна неспособност за усвојување на материјалот по математика, односно потполна отсутност на математичко мислење. Таквата неспособност може да биде примарна или, пак секундарна. Кај повеќето примери на акалкулија е секундарното, стекнато нарушување кое се случува кај возрасна личност поради мозочна лезија или болест на централниот нервен систем. Се појавува поради тоа што се погодени делови или состави на мозокот кои се одговорни за извршување на математичките операции.


РАЗВОЈНА ДИСКАЛКУЛИЈА

Кај децата најчесто станува збор за развојна дискалкулија, односно, потешкотии кои се формираат во раната развојна возраст, најчесто пред раѓање и се отчитуваат веднаш штом детето започнува со запознавање на поимот броеви и извршување на елементарни аритметички  операции. Поради ова овој облик на потешкотии се нарекува „развоен“.Дискалкулијата може да биде и самостојна и единствена потешкотија која се појавува кај детето во комбинација со друга потешкотија, на пример, со дислексија.
Пионир во подрачјето на развојната дискалкулија е словачкиот невропсихолог од Братислава др.Ладислав Кошч, кој, проучувајќи ја математичката способност кај децата на возраст меѓу десет и единаесет години, успеал да дефинира различни облици на развојна дискалкулија, па составил посебен збир од тестови за дијагностицирање на дискалкулија кај децата. Професорот Манеш Шарма, кој својата работа ја започнал истовремено со Ладислав Кошч, значително ја проширил и усовршил дијагностичката метода, воглавно се насочил на терапевтскиот аспект, на конкретна помош на децата со потешкотии во учењето на математиката.
Според Кошч, „Развојната дискалкулија е структурно нарушување на математичките способности кое влече свои корени од оние делови на мозокот кои се анатомски и психолошки непосредно одговорни за созревање на математичките способности во склад со возраста, а притоа не се последица на нарушувањето на општите ментални функции.“


МЕХАНИЗМИ НА РАЗВОЈНАТА ДИСКАЛКУЛИЈА:
НЕВРОЛОШКО НАРУШУВАЊЕ ИЛИ СПЕЦИФИЧНОСТ ВО РАБОТАТА НА МОЗОКОТ?

Сепак, постои и друг агол на гледање на механизмите на развојната дискалкулија. Невролозите утврдиле дека повеќето аритметички операции ги извршува левата половина од нашиот мозок. Некои истражувачи сметаат дека причината за потешкотии кај децата со дискалкулија е во тоа што тие повеќе ја користат десната половина од мозокот наспроти левата, односно  имаат поголема тенденција кон холистичко когнитивните стратегии, додека на аритметиката е најдобро да и се пристапи аналитички.

Таквото гледање на проблемот повеќе ја поврзува дискалкулијата со посебност на детскиот когнитивен стил, отколку со дефицит на некои функции. Според тоа гледање дискалкулијата не е нарушување, туку е специфичност, посебност во развојот. Така, децата со дискалкулија можеби не се свесни дека имаат аналитички способности па не ги применуваат во решавање на аритметичките задачи.


КАКО ДА СЕ ПРЕПОЗНАЕ ДИСКАЛКУЛИЧНО ДЕТЕ ?

Во процесот на учење на математиката сите деца прават повеќе или помалку грешки. Децата со дискалкулија се разликуваат по тоа што имаат многу невообичаени, специфични грешки.
Најчести се следните грешки:
Парафазични супституции ( неправилна употреба на броевите при читање, пишување и сметање). Детето заменува еден број со некој друг. Таквите замени немаат никаква врска со тешкотиите во разбирањето на поимот број. Погрешните замени се случуваат како во читањето и пишувањето на броевите, така и при употреба на калкулатор.Кога смета со помош на калкулатор, прстот на детето едноставно притиска погрешно копче. Детето секој пат заменува некои други броеви, а притоа не станува збор за сличност на облиците или просторната положба на броевите или од притискање на копчето на калкулаторот кое се наоѓа покрај вистинското.



Персервации ( грешки на „заглавување“). Детето го повторува истиот број или работа повеќе пати и не е во состојба да премине на следниот чекор ниту во пишување ниту во сметање. На пример, ако во првата задача на страницата имало знак „+“, детето собира и во сите останати задачи до крајот на страницата  без разлика на тоа што знакот одамна се сменил. 
Грешките на „заглавување“ исто така се забележуваат и во упорното повторување на неодамна научените работи. По совладувањето на нова постапка или операција на сметање, детето почнува да го применува и таму каде таа постапка воопшто не е адекватна. На пример, откако научило што е „позајмување“ во задачите со одземање, детето го применува „позајмувањето“ дури и таму каде нема потреба, или пак по усвојување на постапката на множење, детето множи и таму каде што е потребно да се собира.

Забавеност
Детето дава точен одговор, но му е потребно многу повеќе време отколку што е тоа вообичаено за негова возраст. На пример, за одговорот 1 + 9 = 10 му треба повеќе од три секунди.

Ставање на броевите во взаемно несоодветна просторна положба
Во текот на извршување на писменото сметање во колона, детето ги запишува броевите во взаемно несоодветен однос, и поради тоа доаѓа до погрешен резултат. Можна е нарушена насока на решавање ( од десно на лево или вкрстено).

Визуелни грешки
Детето погрешно ги препознава знаците за сметање , па поради тоа извршува погрешна операција или неправилно препознава број. На пример „+“ го препознава како „-“ па наместо да собира, тоа одзема.

Процедурални грешки
Детето испушта, „прескокнува“ еден од потребните чекори во решавањето на задачите.

Слабо меморирање и препознавање на низата на броеви
Детето може да има тешкотии со меморирање на сопствениот телефонски број. Може да се случи да не го препознае телефонскиот број ако е кажан или запишан на друг начин.


СПЕЦИФИЧНИ ПОТЕШКОТИИ КОИ ГИ ИМА ДИСКАЛКУЛИЧНОТО ДЕТЕ ВО РЕШАВАЊЕ НА МАТЕМАТИЧКИ ЗАДАЧИ

Постојат  четири видови на аритметички потешкотии: потешкотии во логиката, во планирањето, персервации на неадекватни постапки и неспособност за извршување на едноставни аритметички операции.

Потешкотии во логиката вклучуваат неразбирање на изразите како “триаголник под квадратот“ . Кога ја решава задачата по усни упатства на наставникот или кога пишува диктат, детето ги забележува елементите во оној редослед како што се именувани, но  не обрнува внимание на просторните односи во кои се прикажани објектите. Потешкотиите во логиката исто така се појавуваат во работата со броевите  и во разбирањето на системот на броеви.
Потешкотии во планирањето се согледуваат во тоа што детето не ја анализира задачата пред да почне да ја решава и не го проверува резултатот.Наместо прво да размисли за тоа што се бара во задачата и како треба истата да се реши, детето веднаш започнува со избрзано решавање и на крај целосно ја губи врската со самата задача. На детето понекогаш му е тешко да разбере како се поврзани елементите во задачата и по кој редослед треба да работи.Таквиот ученик не ја гледа задачата како целина, туку перципира само неповрзани делови, и поради тоа не може да состави ментален план на решавање. Детето со дискалкулија може да го препознае значењето на секој број и знак во задачата и да ја знае методата на нивната употреба, но во моментот на соочување со задачата пред него се создава „ѕид“ кој сокрива одредени елементи, па детето повеќе не е во состојба да ги перцепира. Иако не ги воочува елементите кои исчезнале од неговото перцептивно поле, детето чувствува дека „ нешто не е во ред“, но не може да одреди што.

Потешкотите при проверка на резултатот можат да бидат големи. Понекогаш детето ништо не постигнува со проверката , иако проверува неколку пати, бидејќи секој пат добива некој друг резултат, и не знае кој од нив е точен.

Детето со дискалкулија може да го прави следното:
-      воопшто не го проверува резултатот бидејќи однапред чувствува дека тоа нема да помогне,
-    упорно продолжува да проверува се додека не добие ист резултат два пати (понекогаш проверува десет и повеќе пати по ред, но и покрај тоа резултатот може да биде неточен),
-   доаѓа до резултатот „ по чувство“ („ Ми се чини дека ова би можело да биде точно“),
-   го брише запишаниот резултат, ја кине или луто ја гужва хартијата и ја фрла во корпата за отпадоци (таквата стресна реакција понекогаш настапува уште при првиот обид, бидејќи детската емоционална состојба станува таква што повторното соочување со истата задача е невозможно),
-     одлучува да го запише резултатот за кој знае дека е неточен ,но повеќе не е во состојба да бара и да проверува понатаму,
-      не знае на кој начин може да го провери резултатот бидејќи познава само еден начин на сметање, а тоа е тој со кој дошол до тој резултат.

Потешкотиите во проверувањето на резултатот многу го фрустрираат детето, особено кога тоа воопшто не знае од каде треба да започне и кога проверката ја повторува повеќе пати, а секој пат доаѓа до некој друг резултат. На некои деца им помага проверката со калкулатор, но постојат и такви на кои употребата на калкулатор им е тешка работа, бидејќи бара од нив познавање на правилна постапка. Многу деца со дискалкулија имаат целосно неразвиена вештина на проценување, и кога доаѓаат до некој резултат, не знаат дали тој резултат е барем близок до точниот, или дали воопшто има некаков смисол.




Неспособност за извршување на едноставни аритметички операции е карактеристична за децата со дискалкулија. За разлика од децата кои имаат потешкотии со логиката, детето со потешкотии во извршување на едноставни аритметички операции ја разбира нивната логика, но не може автоматски да се присети на фактите. Затоа до резултатот доаѓа со броење, воглавно на прсти. Броењето е единствено достапно на таквите деца. Тие не ги забораваат броевите, туку шемите во кои треба да ги сместат. По воочувањата на професорот Шарма, децата кои го користат броењето како доминантна метода за добивање на аритметичкиот резултат, воглавно имаат долготрајни потешкотии во математиката. Во текот на последните 30 години работа во својот Центар за учење и подучување математика, Махеш Шарма проучил голем број на деца и возрасни, и дошол до заклучок дека учениците кои и после неколку години на школување сеуште го користеле броењето (воглавно на прсти) имале најголеми потешкотии во разбирањето на повисоките математички концепти. Тие не биле во состојба да ги воочуваат шемите на односите на броевите, и поради тоа имале потешкотии со концептуализација. Учениците кои освен со броење успеале  со други методи да дојдат до аритметичкиот резултат, бргу напредувале во разбирањето на математичките концепти.



ОСНОВНИ ОБЛИЦИ НА РАЗВОЈНАТА ДИСКАЛКУЛИЈА

Очигледно е дека во секој индивидуален случај можни се разновидни комбинации на симптоми и облици на развојна дискалкулија. Така, едно дете може да има неколку облици на дискалкулија или пак само еден. Што повеќе облици на дискалкулија има детето, толку посложена е постапката за  дијагностицирање и терапија. Различните облици на дискалкулија можат исто така да се појават во комбинација  со други специфични нарушувања на симболичките функции, особено со развојната дислексија и дисграфија.
Облици на дискалкулија :

· Вербална – нарушување на разбирањето и сопствена употреба на математички речник,
·  Практогностичка – нарушување на способноста за манипулирање со реалните и нацртаните објекти,
·  Лексичка – нарушување на способноста за читање на математичките знаци и нивните комбинации,
·     Графичка – нарушување на способноста за пишување на математичките знаци ,
· Идеогностичка – нарушување на способноста на разбирање на математичките поими и сметање во себе,
·  Операциска – нарушување на способноста за извршување на аритметички операции.

(Материјалите се одобрени за објавување од Хрватското здружение за дислексија од Загреб, а фотографиите се позајмени од интернет )



No comments:

Post a Comment