Tuesday, August 6, 2013

ДИСГРАФИЈА - ТРАЈНИ ПОТЕШКОТИИ ВО ПИШУВАЊЕТО




ШТО Е ДИСГРАФИЈА ?
Дисграфијата е стабилна неспособност на детето да ја совлада вештината на пишување (според правописните правила на одреден јазик), која се согледува во многубројните, трајни и типични грешки. Потешкотиите, односно грешките, не се поврзани со незнаењето на правописот, и трајно се застапени без разлика на доволниот степен на интелектуалниот и говорниот развој, нормалната состојба на сетилото за слух и вид како и редовното школување.

Во голем број на случаи дислексијата и дисграфијата кај детето се истовремени, во единство. Сепак, во многу случаи специфични потешкотии во пишувањето постојат како посебни. Таквото дете може да има потешкотии во читањето само на почетокот на школувањето, а сериозните потешкотии во пишувањето остануваат многу подолго, кога читањето е веќе совладано. Статистичките истражувања покажуваат дека нарушувањата во пишувањето кај ученици од  4, 5 и 6 – то одделение основно образование се два – три пати почеста појава отколку нарушувања во читањето.

                              ДИСГРАФИЈА И ДИСЛЕКСИЈА, девојче, 12 години, слободен текст

( Овие примери на ученички трудови заедно со преведениот материјал се одобрени за објавување  од Хрватското здружение за дислексија и се резултат од нивни истражувања)

Дисграфијата, како и дислексијата, е сложен синдром, кој не се ограничува на потешкотии во совладување на пишувањето, туку вклучува потешкотии во формирање на различни прединтелектуални функции. Како и дислексијата, и дисграфијата има сложена психо – невролошка основа. Меѓутоа, во појавувањето на многу облици на дисграфијата важна улога имаат и јазичните потешкотии, односно потешкотиите во совладувањето  на одредени елементи на јазичниот состав. Поради сложеното преплетување на невропсихолошките и јазичните причинители, дисграфијата може да прими различни облици.
Како и во дислексијата, различните облици на дисграфија се појавуваат поради делувањето на збир од причини. Сепак, во секој од облиците може да се издвои доминантен механизам, и со оглед на тоа, видови на типични грешки во пишувањето.

ОБЛИЦИ НА ДИСГРАФИЈА

A. Според причини:
1.     Наследна дисграфија (според мислењето на експертите наследниот причинител сам за себе ретко кога ја предизвикува дисграфијата, што значи дека во поволни услови често можеме да ја спречиме дисграфијата)
2.     Потешкотии во пишувањето предизвикани од делување на надворешните неповолни причинители на детето во развој
3.     Комбиниран облик ( најчест пример на дисграфија – комбинација од предиспозиции со делување на два до три надворешни неповолни причинители )

Б. Според степенот на изразеност:
1.     Лесна дисграфија
2.     Изразена дисграфија
3.     Аграфија ( целосна неспособност за пишување, обично е преодна состојба која по првата до втората година на школување преминува во стабилна дисграфија, пропратена со сериозни специфични потешкотии во почетното учење – детето има големи проблеми во учењето на буквите).

В. Според доминантниот синдром:

1. Фонолошки дисграфии
Грешките во пишувањето се предизвикани од потешкотиите во изговорот и/или со меѓусебното слуховно разликување на гласовите. Во писмените задачи на децата тие се манифестираат на степен на буква и слог, а ги препознаваме по многубројните замени и мешање на буквите, односно гласовите слични по звук и изговор. 

  • Артикулаторно – акустична дисграфија
    Детето неправилно ги изговара гласовите и своите грешки ги пренесува од говорот во пишувањето – детето пишува така како што изговара.
    (на пример: "гора - кора","река - лека" итн.)
  • Фонемска (акустична) дисграфија
    Детето има потешкотии во меѓусебното слуховно разликување на гласовите кои слично се изговараат и звучат.
    (на пример: "отамна" наместо "одамна", "снег – снек“ итн.)



2. Јазични дисграфии
  • Дисграфија на јазична анализа и синтеза
    Според согледувањата на експертите, овој облик на дисграфија е најчест. Во неговата основа лежи неинформираност за јазична анализа и синтеза на различни степени: фонемски, слоговни, морфолошки и синтаксички анализи и синтези (последниот степен се однесува на поделба на текстот на реченици и речениците на зборови. Поедноставно кажано, на детето му е тешко да  го подели текстот на реченици, речениците на зборови, зборовите на морфеми, слогови и фонеми. Вештината на јазичната анализа и синтеза е еден од облиците на ментална активност и непосредно  е зависна од неговите прединтелектуални функции, особено на  слуховно – говорната меморија, аналитичкото внимание и др. 
    (на пример: "за плаче", "надрво", "глупатка" наместо "глупа патка"..)
  • Дисграматична дисграфија
    Воглавно се манифестира со грешките на ниво на реченица. Овој вид на грешки ги нарекуваме дисфрагматизам, бидејќи се работи за нарушување на граматичко обликување на зборови и реченици: во неправилно поврзување на зборовите.Промените на зборовите кон категориите на број, род и време подразбира усвојување на сложен состав на кодирање со кое детето почнува да владее прво непосредно, на темелот на практична говорна комуникација со возрасните во предшколска возраст, а потоа свесно – во текот на учењето на јазикот во училиште. Овој вид на дисграфија често ја сретнуваме кај деца кои во текот на предшколската возраст не стекнале доволна јазична зрелост. Сепак, ја сретнуваме и во писмените задачи кај деца со добро развиен  граматички правилен устен говор. Тоа се обично деца со потешкотии во краткорочната слуховно – говорна меморија и внимание.


    ДИСГРАМАТИЧНА ДИСГРАФИЈА, момче, 9 години, диктат


ДИСГРАМАТИЧНА ДИСГРАФИЈА, девојче, 9 години, домашна задача

3. Визуелна дисграфија

Визуелната дисграфија е поврзана со потешкотиите во визуелно – просторната перцепција, анализа и синтеза на визуелно – просторните податоци и просторното разликување. Децата со овој вид на дисграфија најчесто имаат добро развиен устен говор. Тешко се снаоѓаат само во вербализирање  на просторно – временските односи, во употребувањето на зборови кои имаат просторно и временско значење. Најчесто никогаш не ги употребуваат или ги мешаат предлозите „пред“ , „зад“, „помеѓу“ , придавките „тенок – дебел“ , „тесен – широк“, „кратко – долго“, „висок- низок и сл. Во повеќето случаи ги заменуваат со зборовите „големи – мали “. Тешко им е да го разликуваат суптилното значење на секој од тие поими. Иако скоро сите деца со нарушување во читањето и пишувањето тешко ги совладуваат поимите „лево – десно“, за оваа категорија на деца таа задача е особено тешка.
Во пишувањето неформираноста на визуелно – просторната перцепција и ориентација се манифестира во мешање и деформирање на буквите. Како можеме да ги препознаеме визуелните грешки? Детето многу тешко ја усвојува графичката форма (оптичката слика) на поединечни букви, а во подоцнежните одделенија ги меша визуелно сличните букви. Повеќето од децата имаат исти потешкотии и во совладување на читањето .
ВИЗУЕЛНА ДИСГРАФИЈА, момче, 7 години , диктат


4. Моторна дисграфија

Моторната дисграфија е поврзана со недоволната развиеност на суптилните моторни функции, а истата се манифестира со трајни и бројни заменувања на буквите според блискоста на нивниот начин на пишување и со нестабилен, тешко читлив ракопис. Децата не можат   да ја автоматизираат тн. моторна формула на буквите , односно движењата при пишување. Тие допишуваат елементи на буквите, додаваат непотребни елементи, ги заменуваат моторно сличните букви ( кои на почеток имаат исто движење при пишување), пишуваат бавно, брзо се заморуваат, а кога пишуваат брзо, прават и многу други грешки нетипични за нив.Нивниот ракопис најчесто е нерамен, неизедначен (некои букви се поголеми, некои помали, се менува косината на пишување ). Колку подолго детето пишува, толку квалитетот на напишаното е полош.

МОТОРНА ДИСГРАФИЈА, момче, 8 години, диктат


ГРЕШКИ ВО ПИШУВАНИТЕ ЗАДАЧИ КАЈ ДИСГРАФИЧНИТЕ УЧЕНИЦИ

Децата со дисграфија најчесто прават необични (специфични) грешки, но исто така често нивните грешки изгледаат доста вообичаено. Кога наставникот ја набљудува работата на детето со дисграфија, прво што ќе забележи е дека ОДРЕДЕНИ грешки ЧЕСТО се повторуваат. Одреденоста на грешките ( многу се типични ) и нивната постојаност и многубројност се клучни за препознавање на дисграфичната симптоматика во детските пишувани задачи.
Одредени грешки во детската пишувана работа не се појавуваат без причина. Секој вид на грешки покажуваат дека кај детето недоволно е формирана одредена вештина.

Еве за кои грешки станува збор: 

1. Грешки на ниво на буква и слог
(“голтање“, преместувања, додавање на непотребна буква или слог, замена и мешање, персервации и антисипации)

„Голтањето“ покажува дека ученикот не ги воочува сите гласовни компоненти во составот на зборот
(на пример: "леб" - "лб", "птка" - "патка")

ГРЕШКИ НА „ГОЛТАЊЕ“, момче, 8 години, слободен текст


Преместувањето е манифестација на потешкотии при воочување на редоследот на гласови во зборот со недоволна развиеност на внимание и самоконтрола. Детето успева да го воочи секој глас, не неправилно го запишува нивниот редослед.
(на пример: "енда" - "една", "тапка" - "патка", "барт" - "брат")


ГРЕШКИ ПРИ ПРЕМЕСТУВАЊЕ, девојче, 9 години, диктат


Додавање на непотребни букви се случува при неправилно изговарање на зборовите во текот на пишувањето
(на пример: "варат" - "врат")

ГРЕШКИ НА ДОДАВАЊЕ, девојче, 9 години,слободен текст



„Голтањето, преместувањето и додавањето се типични грешки за деца со недоволно формирана вештина за гласовна анализа.
Во основа, во замената и мешањето на буквите , лежи потешкотијата на меѓусебното разликување на гласовите кои слично се изговараат и слично звучат и нестабилното поврзување на гласовите со буквите, кога се нема воспоставено цврста врска помеѓу значењето и визуелната слика за буквите.

Посебно место завземаат грешките на персервација ( „заглавување“ на претходниот чин) и антисипација ( „истрчување напред“) – кога потребниот глас се заменува со друг глас кој бил во претходниот слог или збор, или кој доаѓа во следниот , а можни се и додавања. Тоа се многу специфични грешки кои често се појавуваат поради потешкотии во сукцесивните процеси. Детето не може правилно  да го распореди редоследот на својата работа; при персервација детето не може да одреди кој е следниот чекор и како да премине на него, па постојано го повторува истиот.

(пример на персервација: "дедојка", "планинина"; 
пример на антисипација: ("гогор" наместо "логор")


2. Грешки на ниво на зборови
(раздвоено пишување на делови од ист збор, споено пишување на неколку зборови, нарушување на границата помеѓу зборовите)

Грешките на неправилно разделување и спојување на зборови и нарушување на нивната граница, упатува на потешкотии на индивидуализација на одредени зборови во усниот говор. Овие грешки се чести кај деца со недоволно развиен говор или со намалена когнитивна интелегенција (сепак во нормална граница).



ГРЕШКИ ПРИ РАЗДВОЈУВАЊЕ НА ЗБОРОВИ, момче, 9 години,слободен текст

3. Грешки на ниво на реченица 
(грешки во поврзување на зборови во реченицата, неправилна интерпункција)


Овие грешки се често присутни и кај деца со недоволно развиен говор или со намалена когнитивна интелегенција (сепак во нормална граница).
 (на пример: "Патките излегоа на езерото дојдоа до водата воданема“, Природата ја чекаше чекаше зимата“) 

ГРЕШКИ НА НИВО НА РЕЧЕНИЦА, момче, 10 години, диктат 




No comments:

Post a Comment