Friday, May 2, 2014

10 РАБОТИ КОИ СЕКОЕ ДЕТЕ СО АУТИЗАМ САКА ДА ГИ ЗНАЕТЕ

Барајќи материјали за аутизам на интернет, сосема случајно наидов на еден текст кој ме воодушеви. Текст во кој е претставено како изгледа светот гледано од очите на дете со аутизам. Си земав за слобода да го преведам и споделам,бидејќи работам со ученик кој има аутизам. Прочитаното во текстот ми укажа на многу работи кои не сум ги знаел, а и на работи кои токму од ученикот сум ги научил. Верувам дека секој кој ќе одвои време да го прочита , нема да остане рамнодушен!!! 
Подвлечените делови во текстот се делови на кои би сакал да посветите повеќе внимание!!


10 РАБОТИ КОИ СЕКОЕ ДЕТЕ СО АУТИЗАМ САКА ДА ГИ ЗНАЕТЕ

1.Јас сум дете со аутизам. Јас не сум „аутистичен“. Мојот аутизам е само еден аспект од мојот карактер. Тој не ме дефинира како личност. Дали вие сте личност со мисли, чувства и многубројни таленти или сте дебели(имате прекумерна тежина), кратковиди (носете наочари) или неспретни (некои спортови баш не ви одат од рака)?



2. Моето сетило за забележување (сензорната перцепција) е нарушено. Тоа значи дека вообичаените слики, звуци, мириси и вкусови кои вие можеби воопшто не ги забележувате во секојдневниот живот, за мене можат да бидат многу болно искуство. Дури и опкружувањето во кое морам да живеам на мене често ми изгледа непријателски. На вас можам да ви изгледам како повлечена или можеби дури и агресивна личност, но се што се трудам да направам е да се заштитам самиот себе. Често и „едноставен“ излет до продавница може да биде претерано надразнет. Десетици луѓе зборуваат одеднаш. Од гласниот звучник се слуша денешната „акција“, насекаде од телевизорите гласно викаат разни програми, благајничките каси тропаат, машината за сечење месо пишти, бебињата плачат, флуоросцентното осветлување зуи. Мојот мозок не може да го филтрира сето она што му се наметнува одеднаш и јас сум потполно блокиран. Моето сетило за мирис исто така може да биде многу осетливо. Рибата која се нуди и не е баш свежа, човекот кој стои до нас денес очигледно не се истуширал, се дегустираат многу примероци на разни колбаси, бебето во редот пред нас има полна пелена, подот е чистен со некое јако средство за дезинфекција. А мене ми е потполно мачно, бидејќи јас не можам да сортирам толкаво количество на информации.

Воглавно сум визуелно ориентирана личност, па видот би било првото сетило кое станува оптоварено со разни дразби. Флуоросцентното осветлување премногу свети. Ми изгледа како соба која пулсира и затоа ме болат очите. Понекогаш таа пулсирачка светлина се одбива од се наоколу и го искривува сето она што го гледам.
Просторот изгледа како постојано да се менува.Тука е одблесокот од прозорците, вртењето на вентилаторите на таванот, толку тела во постојано движење, премногу работи има за да можам да се концентрирам – и тоа можеби ќе го надоместам со несвесното губење на периферниот вид ( т.н.tunnel vision – „гледање низ цевка“). Сето тоа влијае на моето вестибуларно сетило за рамнотежа поради што ми е тешко да разберам каде се наоѓа моето сопствено тело внатре во некој простор. Поради тоа може да се сопнам, да налетам на работи или едноставно ќе легнам и ќе се обидам се да прегрупирам.


3. Ве молам запамтете да разликувате помеѓу „не сакам“ и „не можам“ ( не сум во можност тоа да го направам).Рецептивниот и експресивниот јазик мене ми се подеднакво тешки за да ги разберам.
Не дека не ги слушам упатствата – јас едноставно не ги разбирам.Кога ме викате од другиот крај на просторијата , еве што јас слушам: „*&#%$ Иване,#$%^*&^%$&*!".Наместо тоа, обраќајте ми се директно со едноставни зборови „ Те молам стави ја книгата во фиоката Иване!Време е за ручек!“ Тоа јасно ми кажува што сакате да направам и што ќе се случи следно. Полесно ми е да соработувам на овој начин.



4.Јас размислувам многу конкретно. Исто така буквално го интерпретирам јазикот. Затоа многу е збунувачки кога ќе слушнам фрази како „ Полека малку, не бркаш зајак!“, кога тоа всушност значи „Те молам престани да трчаш“. Не кажувајте ми дека нешто е „Просто како грав“, кога јас не знам што е тука просто, а не пак грав, а она што всушност сакате навистина да ми кажете е „Ова е едноставно да се направи!“ Фрази, игри со зборови, досетки, нијанси во изговорот и сарказмот се нешто што јас не го разбирам и ве молам да не ги употребувате во разговор. 




5. Бидете трпеливи со мојот ограничен речник. Мене ми е тешко да искажам што всушност ми треба/сакам кога не знам да го изразам со зборови она што го чувствувам. Можам да бидам гладен, фрустриран, исплашен или збунет, но тие зборови се надвор од мојата можност на изразување. Внимавајте на мојот говор на телото, повлекувањето, вознемиреност или други знаци кои упатуваат дека нешто не е во ред.
Постои и друга страна на паричката: можеби повремено ќе звучам како некој мал генијалец или детска ѕвезда додека редам зборови или цели фрази кои се надвор од мојот досег на разбирање и развојната возраст. Тоа се пораки, зборови и фрази од секојдневниот живот кои сум ги запаметил како би компензирал во недостатокот на сопствениот речник, бидејќи знам дека очекувате одговор кога ми се обраќате. Тоа е стереотипно повторување на зборови или фрази од книги, телевизија или најчесто говорот на другите луѓе и се нарекува ехолалија. Не е потребно да го разбирам контекстот или терминологијата која ја употребувам, но служи на потребата, бидејќи претставува каков – таков одговор на поставеното прашање.  


6. Бидејќи изразувањето и јазикот не ми одат многу добро, подобро ми оди визуелното учење. Затоа почесто покажете ми како нешто треба да направам, отколку да се обидувате со зборови да ми објаснете. И бидете спремни тоа повеќе пати да ми го покажете. Упорното и трпеливото покажување ми помага да научам.Визуелниот распоред ми е многу корисно помагало бидејќи знам што ме чека во текот на денот, ми овозможува полесен премин помеѓу активностите, ми помага да управувам со времето и да ги исполнам вашите очекувања. Еве една добра веб страна со повеќе информации за визуелниот распоред: http://www.cesa7.k12.wi.us/newweb/conte ... autism.asp 



7.Фокусирајте се и насочете ја енергијата на она што можам и знам да го направам, отколку на она што не можам или не знам да го направам. Како и останатите деца, тешко ми е да учам во опкружување кое постојано ме потсетува на моите недостатоци. Трудејќи се да научам нешто ново кога континуирано ме соочуваат со критики, без оглед на тоа колку да е конструктивно, ме тера да се откажам или да избегнувам уште пред да почнам. Побарајте ги моите посилни страни, она во што сум добар. Постојат повеќе начини како нешто да се направи правилно. 




8. Помогнете ми во социјалната интеракција. Можеби изгледа како да не сакам да си играм со останатите деца во паркот, но најчесто само не знам како да го започнам разговорот или дружењето.Ако можете, поттикнете ги другите деца да ме повикаат да си играм на пр. Со топка, додавање или слично, бидејќи веројатно ќе ми биде многу драго да се вклучам во играта. 



9.Обидете се да ги утврдите кои се моите прекинувачи на моите емоционални испади , односно што им претходело и ги предизвикало. Тие тантруми, испади, епизоди , како сакате наречете ги, колку страшни вам да ви изгледаат, за мене се уште пострашна случка. Се случуваат кога една од дразбите е оптоварена. Ако го најдете прекинувачот – можат да се спречат. 


10. Ако сте член на семејството , ве молам САКАЈТЕ МЕ БЕЗУСЛОВНО. Исклучете ги мислите како : "Кога тој би можел ..." и "Зошто тој не може ...?" Ниту вие не секогаш сте ги исполнувале сите очекувања на вашите родители и сигурно не сакате некој постојано да ве потсетува на тоа. Јас не одбрав да имам аутизам.Запаметете дека аутизмот ми се случува на мене, не на вас. Без вашата поддршка моите шанси за успешно самостојно растење се многу тенки. Со вашата поддршка и насоки, можностите се многу поголеми од што мислите. Верувајте – јас сум вреден за тоа. 



Се се сведува на три зборови: Трпение.Трпение.Трпение.

Потрудете се на мојот аутизам да гледате како на различен талент отколку како на некаков недостаток. Гледајте на она што вие го гледате како мои ограничувања и потрудете се да ги гледате како посебен дар на аутизмот. Можеби нема да бидам добар во воспоставување контакт со очите или разговорот, но дали забележавте дека : јас не лажам, не изневерувам во игрите , не ги закачам моите пријатели и не им судам на другите луѓе!

Ти си мојот темел.

Размисли за некои социјални правила. Доколку тие за мене немаат никаков смисол, не им обрнувај внимание. Биди мој адвокат и пријател, заедно ќе видиме колку далеку можеме да стигнеме.
Во ред, јас веројатно нема да бидам следниот Мајкл Џордан, но со моите способности за фини детали, добро насочени исклучителни можности, можеби можам да бидам следниот Ајнштајн. Или Моцарт. Или Ван Гог.

И ТИЕ ИМАА АУТИЗАМ.





No comments:

Post a Comment